Палестинската група Хамас тврди дека разгледува нови предлози за привремено примирје во Газа, но инсистира на настојување да се постигне договор со кој ќе се заврши израелската војна.
Хамас во соопштение наведе дека добил предлози од посредници и дека води разговори со нив за „надминување на разликите“, со цел да се врати на преговарачка маса и да се обиде да се постигне договор за прекин на огнот.
Групата истакна дека се стреми кон договор кој ќе го заврши конфликтот и ќе овозможи повлекување на израелските сили од енклавата.
Објавата доаѓа еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Израел прифатил предлог за 60-дневно примирје во Газа и ги повика Хамас да го прифатат договорот пред ситуацијата да се влоши, пишува Ал Џезира.
Трамп го засили притисокот
Трамп го засили притисокот врз израелската влада и Хамас да постигнат примирје и договор за ослободување на израелските затвореници во Газа.
Тој рече дека периодот од 60 дена ќе се искористи за работа на завршување на војната – нешто што Израел вели дека нема да го прифати додека Хамас не биде поразен.
Трамп следната недела треба да се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Меѓутоа, соопштението на Хамас, кое го истакнува нивниот повик за прекин на војната, отвори прашања дали најновата понуда може да се реализира.
Веднаш по изјавата на Хамас, Нетанјаху рече дека „нема да има Хамас“ во поствоената Газа.
Израелските официјални лица предупредија дека армијата ќе ја зајакне операцијата во Газа доколку преговорите за прекин на огнот наскоро не се напредуваат, пишува американскиот медиум Axios.
„Ќе го направиме градот Газа и централните кампови она што го направивме во Рафах. Сè ќе биде претворено во прав“, го цитираше овој медиум висок израелски функционер.
„Тоа не е нашата преферирана опција, но ако нема поместување кон договорот за заложниците, нема да имаме друг избор.“
Реалноста е поинаква
Израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Саар, рече дека не смее да се пропушти ниту една можност за ослободување на заробените во Газа, додавајќи дека постои голема поддршка, и во владата и во пошироката јавност, за предлогот што го поддржуваат САД.
Меѓутоа, предлогот не беше јавно поддржан од министерот за национална безбедност, Итмар Бен-Гвир, и министерот за финансии, Безалел Смотрич, екстремно десничарски членови на кабинетот на Нетанјаху.
Репортерот на Ал Џезира, Хани Махмуд, во известување од градот Газа рече дека Палестинците не му веруваат на Трамп и дека неколку пати биле разочарани од најавените примирја кои не се оствариле.
„Постојат приказни за потенцијален договор и завршување на геноцидот, но на терен, реалноста зборува поинаку. Во просек секој ден умираат од 100 до 120 Палестинци“, рече тој.