Колку ќе издржат смарт клупите, ако бетонските од 400 килограми завршија во Кумановка?

Сподели со своите пријатели

Дел од новопоставените бетонски клупи во реконструираниот Градски парк во Куманово завршиле во речното корито, а други се целосно исчезнати од теренот.

Loading...

За ова алармираше градоначалникот Максим Димитриевски, посочувајќи на организиран вандализам и уништување на јавна сопственост.

– На изградената стаза покрај речното корито наместивме по цела должина и во самиот парк 16 бетонски клупи, коишто секоја од нив тежи по повеќе од 400 килограми. Денеска таму на лице место има 5-6. За жал, добар дел од нив ги најдовме во река, за коишто ни е потребна машина или кран – сега, во рамки на чистење на речното корито, ќе бидат извадени, но се целосно уништени, рече Димитриевски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Тешко повреден пешак во Куманово откако бил удрен од мопед

Градоначалникот додаде дека преостанатите клупи, за кои нема трага, се „однесени организирано, украдени“, и дека за случајот е поднесена пријава до МВР.

– Дополнително, останатите, како – не знам, но ги нема на лице место. Значи, однесени се, организирано украдени. За тоа е пријавено во МВР, рече тој.

Овој случај го отвора прашањето дали има смисла поставувањето на нова урбана опрема, кога истата не може да се заштити.

Градот, според Димитриевски, нема капацитет да ангажира обезбедување на јавните површини.

– Ставете се вие на мое место. Урбаната опрема е тука. Но, ако ние не можеме да го сочуваме тоа што го градиме – тоа е факт. Не само на оваа локација, на најголем дел од локациите во градот. Дали е паметно истите да бидат наместени и за помалку од неколку дена да бидат целосно уништени? Тоа проценете вие, рече градоначалникот одговарајќи на советничко прашање.

Loading...
ПРОЧИТАЈТЕ И:  Голем пожар во Длабочица, гори мешана и борова шума (ВИДЕО)

Како можно решение, Димитриевски најави дека ќе се обиде, во координација со Министерството за внатрешни работи, да обезбеди полициско присуство во паркот како услов за повторна инсталација на преостанатата смарт урбана опрема.

– Ќе се обидам во следниот период, во соработка со МВР, доколку добијам уверување дека ќе има барем полициска патрола редовно во Градскиот парк, да ги инсталираме таа урбана опрема која ни е предадена, но не е монтирана, појасни градоначалникот.

И покрај овие проблеми, досега, според градоначалникот, околу 80% од предвидените интервенции во паркот се реализирани, вклучувајќи ја најдолгата трим и велосипедска патека во државата и реконструкција на спортските игралишта.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Kумановец затекнат додека палел сува трева. Полицијата го уапсила!

Никола Ивановски