Процесот кој се водеше против кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски, е завршен откако Основниот суд Куманово донесе одлука да го отфрли обвинението, по повлекувањето на обвинителниот акт од страна на Јавното обвинителство.
– Основниот суд Куманово заради интерес на јавноста за постапката по предметот на Основен суд Куманово К-115/24 против обвинетиот М.Д. од Куманово за кривично дело-злоупотреба на службената положба и овластување од чле. 353 ст. 4 в.в. со ст. 1 од КЗ, известува дека на ден 1 јули годинава, донесена е пресуда со која обвинението се одбива согласно на член 402 ст. 1 т. 3 од Законот за кривична постапка, затоа што јавниот обвинител со поднесок од ден 30 јуни годинава се откажа од обвинението, соопшти Основен суд Куманово.
Случајот против Димитриевски се водеше поради наводна злоупотреба на службена положба, поврзана со одлуката на Советот на Општината да се стави во мирување одреден детално-урбанистички план.
Димитриевски тогаш објаснуваше дека мерката е во интерес на граѓаните и спречува деградација на квалитетот на живот во централното градско подрачје, каде што беше планирана изградба на повеќекатници.
Никола Ивановски