Куманово останува единствена општина во државата со целосно бесплатен јавен превоз за сите граѓани, откако Советот на Општина Куманово донесе одлука оваа мерка да продолжи до октомври.
Дневно бесплатниот јавен превоз го користат меѓу 13.000 и 16.000 патници. Ова го истакна градоначалникот Максим Димитриевски на седница на Советот на Општина Куманово, потенцирајќи дека ниту една друга општина во земјава нема ваков обем на услуга.
– Јавниот превоз што го има Куманово го нема ниедна општина во Македонија, ниту една општина. Тоа значи, вие во Македонија да тргнете сега – 80 општини плус Град Скопје – и да барате општина дали некаде има организиран јавен превоз, целосно бесплатен за сите граѓани и за сите корисници – не постои такво нешто. Постои само во Куманово, рече градоначалникот.
Според податоците презентирани од Димитриевски, во градот активно функционираат 26 автобуски линии.
– Им дадовме субвенција на годишно ниво нешто над милион евра и за тие пари 26 линии во градот функционираат беспрекорно и транспортираат помеѓу 13 и 16 илјади превози дневно, врз база на сите истражувања и анализи, информираше Димитриевски.
Градоначалникот истакна и дека трошокот за ваков јавен превоз по жител е минимален, а задоволството на граѓаните е високо.
– Во цена на чинење, јавниот превоз секој кумановец на дневна основа го чини нешто помалку од два денари. Дали е добра мерката или не – не знам. Јас сум правел сондажи, анализи – граѓаните велат дека е одлична, додаде тој.
Димитриевски најави дека Куманово ќе добие дел од новите автобуси што Министерството за транспорт и врски ги набавува за потребите на градскиот превоз во земјава, што ќе значи дополнително зајакнување на услугата.
Никола Ивановски