Летово ќе се градат нови „лежечки полицајци“ низ Куманово

Сподели со своите пријатели

Нови лежечки полицајци летово ќе се градат низ сообраќајниците во Куманово, како мерка за зголемување на безбедноста во сообраќајот, најави денеска градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, одговарајќи на советнички прашања на денешната седница на Советот.

Loading...

„Точно е дека барањата се прифаќаат во континуитет – и од минатата година и оваа година. Со буџетот обезбедивме средства за изградба на истите. Во меѓувреме, беа изработени сообраќајни елаборати за најголем дел од тие локации, пуштени се во МВР, мислам дека над 80% се комплетирани, а тендерската постапка за избор на изведувачи е завршена“, изјави Димитриевски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  За шест часа 169 казни за возачите во Куманово и Тетово

Тој најави дека изградбата ќе започне во летниот период, но посочи и на ограничувањата.

„Мора да потенцирам дека има барања за поставување на лежечки полицајци во многу делови, каде што се косат со самиот Правилник за успорување во сообраќајот. Не само што не добиваме согласност од МВР, туку дополнително и проблем е на сите локации да се постават лежечки полицајци согласно правилникот. Се предвидуваат на примарни улици во близина на училишта и на секундарни улици во близина на самите училишта или јавни институции и други објекти, особено каде што имаме нагласено движење на ученици, деца и млади луѓе“, појасни градоначалникот.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Куманово – единствена општина со бесплатен превоз за сите спортски клубови

Во однос на конкретните локации, Димитриевски рече дека во моментов не може да ги наведе поединечно, бидејќи се работи за многу барања, но додаде дека ќе биде побарано од Секторот за комунални дејности да ги соопшти на јавноста, доколку е подготвен, или пак дополнително во писмена форма.

„Последната информација што стигна до мене е дека над 80% од тие барања ќе бидат позитивно одговорени“, истакна Димитриевски.

Никола Ивановски