Хакер кој работел за мексиканскиот нарко картел Синалоа успеал да пристапи до телефонските записи на службеник на ФБИ и да користи камери за надзор во Мексико Сити за да ги следи информаторите за американската агенција во 2018 година, соопшти Министерството за правда на САД во извештај објавен во четврток.
Случајот е откриен во ревизија од страна на Канцеларијата на генералниот инспектор на Министерството за правда, која ги испитала напорите на ФБИ за ублажување на ефектите од „сеопфатниот технички надзор“, термин што го опишува глобалниот раст на употребата на камери за надзор и растечката трговија со огромни количини на податоци за комуникации, локација и движење.
Во извештајот се вели дека хакерот работел за картел предводен од Хоакин „Ел Чапо“ Гузман, кој беше екстрадиран во САД ржави во 2017 година.
Според извештајот, хакерот го идентификувал помошникот правен аташе на ФБИ во американската амбасада во Мексико Сити и користејќи го телефонскиот број на тој службеник, „добил список на повиците што ги направил и примил, како и податоци за геолокација“.
Картелот ги заплашувал и убивал потенцијалните извори на информации или сведоци во истрагите
Во извештајот, исто така, се наведува дека хакерот „го искористил системот на камери за надзор во Мексико Сити за да ги следи движењата на службениците низ градот и да ги идентификува луѓето со кои се среќавале“.
Картелот ги користел тие информации за заплашување, а во некои случаи и убивање на потенцијални извори на информации или сведоци во истрагите.
Во извештајот не се идентификувани наводниот хакер, помошникот-аташе или жртвите.
Амбасадата на САД во Мексико ги упати новинарите до Стејт департментот и Министерството за правда, кои не одговорија веднаш на барањата за коментар.
Ниту ФБИ ниту адвокатот на Ел Чапо не беа веднаш достапни за коментар.
„ФБИ има стратешки план“
Собирањето прецизни податоци за локацијата од мобилните телефони на голем број комерцијални и службени субјекти, во комбинација со постојано растечкиот број на камери за надзор, претставува сериозен проблем за разузнавачките и полициските служби, бидејќи многумина зависат од информаторите.
Во извештајот се наведува дека неодамнешните технолошки достигнувања „го олесниле од кога било досега помалку софистицираните држави и криминалните организации да ги препознаат и искористат слабостите во глобалната економија на надзор“.
ФБИ, според документот, има стратешки план за намалување на тие ризици, а се препорачува и поголема обука за вработените во агенцијата.