Грција воведува ригорозни казни за возачите: Можат да одат и до 8.000 евра

Loading...
Сподели со своите пријатели

Со најновите измени на Законот за патен сообраќај, Грција решително реагираше на високите стапки на сообраќајни несреќи, кои се меѓу највисоките во Европската Унија.

Новите казни се многу построги и важат подеднакво и за домашните возачи и за туристите.

Според порталот inside-digital.de, возењето со брзина поголема од 200 км/ч може да го чини возачот до 8.000 евра казни и одземање на возачката дозвола во траење од четири години.

За користење мобилен телефон додека возите е пропишана казна од 350 евра и забрана за возење од 30 дена.

Во случај на повторени прекршоци, казната се зголемува: 1.000 евра и шестмесечна суспензија за вториот прекршок, а дури 2.000 евра и една година забрана за возење за третиот, пишува HAK review.

Грчките власти најавија и поставување камери што ќе го следат користењето на мобилни телефони зад воланот.

Ограничувањето на алкохол во крвта останува на 0,5 ‰, но казните се значително построги: во посериозни случаи, прекршителите можат да ја изгубат возачката дозвола до 10 години, особено ако станува збор за повторени прекршоци или околности што вклучуваат закана за безбедноста.

Посебен акцент се става на агресивното возење и нелегалните улични трки – првото прекршување носи казна од 2.000 евра и забрана за возење од една година, додека повторените прекршители ризикуваат до 8.000 евра и четири години без дозвола.

Loading...

Со овие мерки, Грција се рангира меѓу најстрогите европски земји кога станува збор за безбедноста во сообраќајот, а целта е јасна – да се намали бројот на несреќи и да се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот, особено за време на туристичката сезона.