Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, пријавил приход од над 600 милиони долари до 2024 година, вклучувајќи приход од криптовалути, голф-центри, лиценцирани договори и други деловни активности, покажа неговиот последен јавен финансиски извештај.
Според годишниот финансиски извештај, Трамп пријавил имот во вредност од најмалку 1,6 милијарди долари, објави Ројтерс.
Иако тврди дека неговите работи се во рацете на фонд управуван од неговите деца, приходот од тие извори продолжува да биде на негово име, предизвикувајќи нови критики и обвинувања за конфликт на интереси.
Голем дел од приходот на Трамп доаѓа од инвестирање во дигитални средства.
Само криптовалутата „$TRUMP“, лансирана претходно оваа година, се проценува дека генерирала приход од околу 320 милиони долари.
Неговото семејство дополнително заработило повеќе од 400 милиони долари преку соработка со финансиската фирма „World Liberty Financial“, вклучувајќи 57,35 милиони долари од продажба на токени, како и поседување на 15,75 милијарди управувачки токени.
Трамп, исто така, има удел во „Трамп Медиа енд Технолоџи Груп“, сопственик на социјалната мрежа „Трут Сошнал“, дополнително проширувајќи го своето деловно портфолио кое опфаќа дигитални средства до традиционални сектори како што се недвижности и голф.
Од инвестиции во хартии од вредност и фондови, Трамп пријавил приход од најмалку 12 милиони долари врз основа на инвестиции од најмалку 211 милиони долари.
Најголемите инвестиции вклучуваат фондови „Блу Аул Капитал“, како и фондови за државни обврзници управувани од „Чарлс Шваб“ и „Инвеско“.
Приход од голф клубови
Приходите од голф клубовите претставуваат значаен дел од вкупните приходи. Трите голф одморалишта на Трамп во Флорида – „Јупитер“, „Дорал“ и „Вест Палм Бич“, како и неговиот приватен клуб Мар-а-Лаго, генерирале најмалку 217,7 милиони долари.
Само „Трамп Нешнал Дорал“, луксузен комплекс во близина на Мајами, донел 110,4 милиони долари.
Трамп, исто така, генерирал меѓународен приход, вклучувајќи 16 милиони долари од лиценцирани такси за проект во Дубаи, 10 милиони долари од развој во Индија, 5 милиони долари од договори во Виетнам.
Меѓу приходите се и авторските права, вклучувајќи 2,8 милиони долари од часовниците на Трамп, 2,5 милиони долари од парфеми и патики, 1,3 милиони долари од изданието „Гринвуд Библија“, 1,16 милиони долари од дигиталните картички на NFT со неговиот лик.
Првата дама Меланија Трамп пријави приход од 216.700 долари од сопствената колекција на NFT.
Иако извештајот не го наведува точниот временски период што го опфаќа, податоците укажуваат дека се однесува на календарската 2024 година. Белата куќа не коментираше за ова прашање.