ЕУ подготвува контрамерки ако нема царински договор со САД

Сподели со своите пријатели

Европската унија подготвува „контрамерки“ против Соединетите Американски Држави по ненадејно објавените американски санкции за челикот, кои ги потресоа глобалните пазари и ги комплицираа пошироките преговори за царините меѓу Брисел и Вашингтон.

Loading...

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на САД, Доналд Трамп, минатата недела се согласија да ги „забрзаат преговорите“ за договорот, но доколку тие трговски преговори не успеат, Европската унија е подготвена и да „забрза работа на одбранбената страна“, изјави портпаролот на Европската комисија, Олоф Гил, објави Бета.

„Доколку нашите преговори не доведат до избалансирано решение, ЕУ е подготвена да воведе контрамерки, вклучително и како одговор на ова најново зголемување на царините“, рече Гил.

Тој рече дека ЕУ финализира „проширен список на контрамерки“ кој „автоматски ќе стапи на сила на или пред 14 јули“. Тоа е датумот кога завршува 90-дневната пауза за царините наметнати од САД и ЕУ.

Нови тарифи

Околу на половина од тој „грејс период“, американскиот претседател Доналд Трамп објави воведување на тарифи од 50 проценти за увоз на челик во неговата земја, зголемувајќи ја таа тарифа од 25 проценти.

Високи претставници во Европската комисија се залагаат за трговски договор за да се избегнат тарифи од 50 проценти за увезена стока.

Можно е Европската Унија да купи повеќе течен природен гас и воени производи од САД, како и пониски тарифи за автомобили, но малку е веројатно дека ќе се согласи да го укине ДДВ-то што го бара Трамп или да го отвори пазарот на ЕУ за американско говедско месо.

Европската Унија им понуди на САД опција „нула за нула“ во која тарифите би биле укинати од двете страни за индустриски производи, вклучително и автомобили.

Loading...

Трамп ја исклучи можноста, но претставниците на ЕУ велат дека сè уште е на маса.

Најавата од петок за огромна тарифа од 50 проценти за увоз на челик и алуминиум ги поттикна стравувањата од големо зголемување на цените.