Во поголем дел од земјава утрото е ведро и посвежо, во источните делови променливо облачно со услови за слаб локален дожд.
Преку денот, како што информираат од Управата за хидрометеоролошки работи, времето ќе биде сончево и потопло со мала до умерена облачност.
Ќе дува умерен, долж Повардарието и во источните делови засилен ветер од северен правец (над 70 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 11, а максималната ќе достигне од 16 до 24 степени.
Во Куманово и околината денеска ќе имаме претежно сончево време со мала облачност.
Ќе дува умерен до умерено засилен ветер од северен и северозападен ветер, поради што од УХМР е издадено и портокалово метео предупредување.
Утринската температура ќе се движи околу 11 степени, додека максималната дневна се очекува да достигне 20 степени целзиусови. Во текот на ноќните часови можни се услови за слаб дожд.
Утре низ кумановско ќе имаме променливо време во комбинација на сонце, облаци и услови за дожд. Ќе дува слаб до умерено засилен ветер од северен правец. Температурата во утринските часови ќе се движи околу 10 степени, а дневниот максимум ќе достигне 22 степени целзиусови.
Во среда ќе имаме повторно променливо време со услови и за сонце и за дожд. Ќе дува умерен до умерено засилен ветер од север, а температурата ќе се движи во интервал од минимални 9 до максимални 21 степен целзиусов.
Четврток носи претежно облачно време со кратки сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, а температурата ќе се движи од 12 до 19 степени целзиусови.
Облачно со врнежи од дожд ќе биде времето во петок, кога ќе дува и умерен до умерено засилен северен ветер. Температурата во утринските часови ќе се движи околу 9 степени, а дневниот максимум ќе достигне до 19 степени целзиусови.
Во сабота ќе имаме претежно сончево време со мала облачност и слаб до умерено засилен северен ветер. Утринската температура ќе се движи околу 10 степени, а максималната дневна се очекува да се искачи до 21 степен целзиусов.
Првиот ден од јуни, недела, носи претежно облачно време со кратки сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец, а температурата ќе биде во интервал од минимални 10 до максимални 22 степени целзиусови.
Од следната работна недела се очекува раст на температурите.
Никола Ивановски