Рускиот претседател Владимир Путин не е заинтересиран за мир, тој поставува свои услови за прекин на огнот и само сака да купи време, изјави денес германскиот министер за одбрана Борис Писториус.
„За жал, Путин сè уште не е сериозно заинтересиран за мир или прекин на огнот, барем не под услови што се прифатливи за другите и очигледно се обидува да купи време“, рече Писториус пред почетокот на состанокот на министрите за одбрана на ЕУ.
Министерски состаноци во Брисел за Украина и Блискиот Исток
Во вторник, Советот за надворешни работи ќе се состане во Брисел.
Утрово тие се состануваат во формат на министри за одбрана, кои ќе разговараат за воената помош за Украина и зголемувањето на одбранбените капацитети на Европската Унија.
Попладне, министрите за надворешни работи ќе се состанат за да разговараат за ситуацијата во Украина и на Блискиот Исток.
Министрите треба да го потврдат 17-от пакет санкции против Русија, кој беше договорен минатата недела на ниво на амбасадори.
„Судете му на Путин според дела, а не според зборови“
Министерот Писториус истакна дека Путин не треба да се оценува според она што го зборува, туку според она што го прави.
„Мислам дека тоа ни помага повеќе отколку шпекулирањето за сериозноста на неговите намери“, рече тој.
Тој рече дека завчерашниот напад со руски беспилотни летала, најмасовниот од почетокот на војната, „дава длабок увид во вистинските намери“.
Тој нагласи дека сега е поважно од кога било да се обезбеди трајна и силна поддршка на Украина. Како најважна точка на денешниот министерски состанок, тој ја спомена иницијативата на високата претставничка за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас, за обезбедување два милиони парчиња артилериска муниција за Украина оваа година.
„Германија ќе има значајна улога во тоа“, рече Писториус.