На лондонскиот пазар, барел сурова нафта се тргуваше по цена пониска за 57 центи, на 64,84 долари.
Цените на нафтата паѓаат, под притисок од одлуката на „Мудис“ да го намали кредитниот рејтинг на Соединетите Американски Држави, како и од најновите податоци што укажуваат на забавување на растот на кинеското индустриско производство и малопродажбата.
Сето тоа ги поттикна загриженостите на трговците за перспективите на двете најголеми економии и потрошувачи на нафта во светот, само една недела откако Пекинг и Вашингтон постигнаа договор за укинување на поголемиот дел од меѓусебните тарифи, што ги зголеми цените на нафтата.
На лондонскиот пазар, барел сурова нафта се тргуваше по цена пониска за 57 центи, на 64,84 долари. На американскиот пазар, барел сурова нафта поевтини за 54 центи, на 61,95 долари.
На двата пазари, цените се зголемија за повеќе од еден процент во текот на изминатата недела.
„Послабите од очекуваните кинески податоци не ја поддржуваат цената на суровата нафта, но сепак би го опишал нејзиниот пад како скромен“, рече аналитичарот на UBS, Џовани Стауново.
Пазарот на нафта беше оптоварен и од изјавата на американскиот секретар за финансии Скот Бесант дека претседателот Трамп ќе воведе тарифи по стапката што ја објави минатиот месец за трговските партнери кои не преговараат „со добра намера“.
„Денешниот пад на цените е едноставно продолжение на ценовните осцилации на суровата нафта кои не водат никаде, а најновиот двигател на падот е намалувањето на американскиот рејтинг и предупредувањето на Скот Бесант“, изјави аналитичарот на „Саксо банка“, Оле Хансен.
Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) одделно објави дека цената на барел нафта од кошничката на нејзините членки се зголемила за 46 центи на 64,08 долари во петокот.