Американскиот претседател Доналд Трамп по двочасовниот разговор со рускиот претседател Владимир Путин изјави дека верува оти рускиот лидер сака мир со Украина.
Американскиот лидер го потврди ова одговарајќи на прашања од новинарите по церемонијата на потпишување на еден од новите американски закони во Белата куќа.
– Да, мислам така – рече Трамп кога го прашаа дали мисли дека Путин сака мир.
Кога друг новинар го прашал дали му верува на Путин, Трамп кратко одговорил „да“, според „CNN“.
Коментирајќи го разговорот со рускиот лидер, Трамп рече дека смета оти е постигнат одреден напредок.
– Таму се случува ужасна ситуација – 5.000 млади луѓе се убиваат секоја недела, па се надевам дека презедовме некаква акција. Разговаравме и со лидерите на повеќето европски земји и се обидуваме да ја завршиме целата работа. Каква штета што воопшто започна – додаде американскиот претседател.
Во објава на неговата платформа Truth Social по повикот, Трамп истакна дека Русија и Украина веднаш ќе започнат преговори за прекин на огнот и, „што е уште поважно, за крај на војната“.