Рускиот претседател Владимир Путин синоќа одржа состанок за подготовка на претстојните преговори со украинската страна во Истанбул, изјави утрово за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Пред заминувањето на нашата делегација за Истанбул, претседателот Путин синоќа одржа состанок за подготовка на претстојните преговори со украинската страна“, рече Песков, пренесува ТАСС.
Песков истакна дека, покрај членовите на руската преговарачка група, на состанокот присуствувале и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, министерот за одбрана Андреј Белошов, началникот на Руската национална гарда Виктор Золотов, секретарот на Советот за безбедност Сергеј Шојгу, началникот на Генералштабот Валериј Герасимов и шефот на ФСБ Александар Бортников.
Авионот со членови на руската делегација слета рано утрово на аеродромот Ататурк во Истанбул, каде што се планирани преговори со украинската делегација, потврди руската воздухопловна служба за Интерфакс утрово.
Рускиот претседател Владимир Путин синоќа објави дека руската делегација на преговорите со Украина во Истанбул ќе ја предводи неговиот помошник Владимир Медински.
Медински, исто така, ја предводеше руската делегација на разговорите со Киев во 2022 година во Истанбул.
За време на преговорите, руската страна ќе ја претставуваат заменик-министерот за надворешни работи Михаил Галузин, началникот на Главната дирекција на Генералштабот на руските вооружени сили Игор Костјуков и заменик-министерот за одбрана Александар Фомин.
Претходно, руските медиуми, повикувајќи се на извори, објавија дека украинската делегација ќе ја сочинуваат претседателот на земјата Володимир Зеленски, неговиот началник на кабинетот Андриј Јермак, заменик-шефот на кабинетот Игор Жовква, министерот за одбрана Рустем Умеров и украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха.
„Укринформ“ објави дека Зеленски денес ќе ја посети Турција, каде што ќе разговара за мировните иницијативи и можните начини за завршување на војната, а дека, почнувајќи од утрово, се закажани неговите билатерални разговори во Анкара со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и заедничка прес-конференција на која ќе бидат сумирани резултатите од посетата.