Од денеска започнува реконструкцијата на улицата „Моша Пијаде“, поради што се воведува посебен сообраќаен режим.
Како што информираат од Општина Куманово започната е реконструкција на водоводната мрежа од улиците „Браќа Рибар“ до „Пиринска Македонија“.
– За таа цел е воведен посебен сообраќаен режим во центарот на градот, кој ќе важи се додека не се завршат активностите на терен, велат од општината.
Овој проект е на Mинистерството за транспорт и врски и Светска банка во соработка со општина Куманово.
Станува збор за голем проект, кој освен замена на водоводната, предвидува и реконструкција на фекалната и атмосферската канализација. Ќе се замени целосната подземна и надземна инфраструктура, електрична и оптичка инсталација.
Според претходните најави би требало да се обезбедат и 108 паркинг места за жителите на улицата.
По реконструкцијата ќе се постават столпчиња за да се спречи паркирање на тротоарите, а ќе се постават и полуподземни контејнери.
Станува збор за проект кој Општина Куманово го реализира со Светска банка и Министерството за транспорт и врски.
Улицата „Моша Пијаде“ е една од најстарите во градот и ова е прва целосна реконструкција од ваков обем.
Никола Ивановски