Од девизи, преку мотори и крстови, до облека и обувки, биле запленети во текот на изминатата недела од цариниците на Граничниот премин Табановце.
Како што информираат денеска од Царинската управа, Службата за мобилен скенер спречила обид за криумчарење на УПС уреди.
Овие уреди, како што појаснуваат од ЦУ, се користат за непрекинато напојување со електрична енергија.
– Истото е откриено при скенирање на камион како и извршена контрола, при што во кабината се откриени две парчиња УПС уреди „Делта МХ“, велат од Управата.
Во друг случај при контрола на камион со бугарски регистарски таблички запленети биле и околу 300 парчиња облека, коишто биле скриени на различни места во возилото.
Македонец се обидел преку граничен премин Табановце нелегално да внесе шест илјади евра, како и поголема количина облека, но и обувки, чанти и паричници коишто сакал да ги шверцува без за нив да плати давачки.
– Во истото е спречен од царинските службеници кои поради сомневање го застанаа автомобилот со кој патувал за детална контрола при што е пронајдена непријавената стока. Патникот со себе носел 16 илјади евра, при што согласно Законот за девизно работење вратени му се десет илјади евра, а останатите се запленети, додаваат од Царина.
Покрај тоа во багажниот простор во неколку торби била пронајдена и останатата непријавена стока, меѓу која околу 100 парчиња облека, седум пара обувки, две чанти и два паричници, при што истата била запленета.
Царинските службеници на граничниот премин Табановце спречиле и обид за шверц на мотоцикл за крос,кој бил пронајден во автомобил со германски регистарски таблички со кој патувал македонски државјанин.
– При контроли на граничниот премин откриени се и обиди за шверц на 20 парчиња каиши за затегнување стока печатач, над 70 парчиња облека, делови од уреди и друга стока што патниците не ги пријавиле на влез во државата, со цел избегнување плаќање давачки, велат од Царинската управа.
Патник се обидел и нелегално да внесе дури над две илјади парчиња предмети со релиогозен карактер.
– На граничниот премин Табановце е откриен и случај на прекршочно дело каде патник се обидел нелегално да внесе над две илјади парчиња разни предмети со религиозен карактер (дрвени крстови, плетени бројаници, бројаници од монистри и метални и дрвени приврзоци). Случајот е откриен при контрола на автобус кој сообраќал на релација Белград-Уранополис, при што во торбата на патникот е откриена непријавената стока, информираат од Царина.
Никола Ивановски