Земјотрес со интензитет од 6,1 степен според Рихтеровата скала е регистриран денес околу два часа во морското подрачје 20 километри југозападно од островот Касос, источно од Крит, соопшти Геодинамичкиот институт при Националната опсерваторија во Атина.
Епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 64,4 километри, објави „Катимерини“.
Земјотресот беше почувствуван во близина на Крит, како и на островите Родос и Кос, како и во некои делови од Турција, а како претпазливост беше издадено предупредување за цунами.
Засега нема информации за повредени или причинета е сериозна материјална штета.
Претседателот на Организацијата за планирање и заштита од земјотреси (OASP) и професор по геологија, Ефимиос Лекас, рече дека длабочината од 60 километри била клучна карактеристика на овој земјотрес, бидејќи го намалила интензитетот на површината.
Според првичните описи на жителите, не е регистрирано никакво значително влијание од земјотресот.
Лекас нагласи дека ваквите земјотреси на таа длабочина обично се случуваат како поединечни настани, без изразена пред- или постсеизмичка активност.
Тој додаде дека земјотресот се случил кај „Грчкиот лак“, местото каде што се судираат европските и африканските тектонски плочи.
Коментирајќи ги можните врски со неодамнешните земјотреси во Санторини и Турција, Лекас истакна дека нема врска, бидејќи геотектонските услови се различни.