Кина: Си Џинпинг не разговарал со Трамп

Сподели со своите пријатели

Кинеските власти денес објавија дека во последно време немало телефонски разговори меѓу претседателот Си Џинпинг и неговиот американски колега, што е спротивно на тврдењата на Доналд Трамп дека разговарал со кинескиот лидер.

Loading...

Двете најголеми економии во светот водат трговска војна, која ја иницираше американскиот претседател.

Трамп воведе царини од 145 проценти за повеќето кинески производи што влегуваат во САД. Пекинг возврати со воведување на свои царини од 125 проценти за американски производи.

Во интервју објавено во петокот од списанието „Тајм“, американскиот претседател изјави дека имал телефонски разговор со Си Џинпинг, без да го прецизира датумот и содржината на разговорот.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Претходната американска помош нема да биде дел од договорот за минерали, тврди украинскиот премиер

„Колку што ми е познато, двајцата шефови на држави во последно време не разговарале по телефон“, изјави денес за новинарите портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џиакун.

Трамп, исто така, изјави за списанието „Тајм“ дека се во тек разговори со Кина за обид за постигнување договор и додаде дека процесот би можел да биде завршен во наредните недели.

„Би сакал да истакнам дека Кина и САД не одржале консултации или преговори во врска со царините“, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи.