Планот на американскиот претседател Доналд Трамп за завршување на војната во Украина ќе биде вклучен во руските учебници по историја кога ќе се подготвуваат следните изданија, изјави за руски ТАСС еден од авторите на учебниците, претседателот на Руската военоисториска асоцијација и советник на претседателот на Руската Федерација, Владимир Медински, истакнувајќи дека Трамп „дефинитивно влезе во историјата“.
„Извонредните напори што ги прави новата американска администрација за разумно да се обиде да го реши конфликтот во Украина и, воопшто, неверојатните трансформации во американската внатрешна политика што ги гледаме сега, несомнено ќе завршат на страниците на учебниците и од руската и од светската историја кога ќе се подготвува следното издание. Овде можеме да кажеме дека Трамп дефинитивно влезе во историјата“, рече тој.
„Историска ера“
Медински додаде дека нема право да ја коментира политиката на американскиот претседател.
„Но, како набљудувач и како историчар, можам да кажам дека живееме во историска ера“, додаде тој.
Од 1 септември 2023 година во воспитно-образовниот процес ќе се користат новите учебници по историја за 10 и 11 одделенија.
Изданието се состои од четири книги: Историја на Русија (10-то одделение), Општа историја (10-то одделение), Историја на Русија (11-то одделение) и Општа историја (11-то одделение).
Рускиот министер за образование Сергеј Кравцов извести дека од 1 септември 2025 година се планира да се воведат нови учебници по историја за 5-то до 9-то одделение.
Автори на учебниците се Медински, ректор на МГИМО Анатолиј Торкунов и научниот директор на Институтот за општа историја на Руската академија на науките Александар Чубарјан.