Рускиот претседател Владимир Путин денеска се сретна со руски државјани кои беа ослободени од заробеништво на палестинската милитантна група Хамас.
Тој изрази благодарност до раководството и политичкото крило на Хамас за ослободувањето на руските заложници во Појасот Газа.
„Фактот дека сте слободни денес е резултат на фактот дека Русија има стабилни, долгорочни односи со палестинскиот народ и со претставници на различни палестински организации. Мораме да изразиме благодарност до раководството и политичкото крило на Хамас што се сретнаа со нас и се согласија на овој хуманитарен чин“, рече Путин за време на средбата, пренесува агенцијата Интефакс.
Според рускиот претседател, Русија „ќе стори сé за да се погрижи таквите (хуманитарни) дејствија да се случуваат што почесто за да се ослободат сите луѓе кои се во заробеништво“.
На средбата со ослободените Руси во Кремљ присуствуваа главниот рабин на Русија Берл Лазар и рабинот и претседател на Федерацијата на еврејските заедници на Русија, Александар Борода.
Рускиот државјанин Александар Труфанов, кој беше ослободен од заробеништво на Хамас, му се заблагодари на рускиот претседател Владимир Путин за неговото ослободување и изрази надеж дека ќе бидат ослободени и останатите заложници, кои му се зближиле како браќа.