Светската трговија ќе стагнира оваа година, со значително послаб раст на азискиот извоз и остар пад во Северна Америка под влијание на американските царини, пресмета Светската трговска организација (СТО).
Обемот на светската трговија годинава ќе се намали за 0,2 отсто, пресмета СТО врз основа на „мерките“ кои стапија на сила на 14 април, вклучително и американското суспендирање на „реципрочните царини“.
Неутралното сценарио со „низок износ“ на царини покажува три отсто зголемување на трговската размена благодарение на подобрените макроекономски услови, пишува Ројтерс.
Доколку, пак, САД ги воведат тековно суспендираните нови царини за 90 дена, глобалната трговија би можела да се намали за дури 1,5 отсто, што е најостро од пандемијата во 2020 година, според пресметките на СТО, пренесе Хина.
Во 2024 година вредноста на светскиот извоз на стоки изразена во долари се зголеми за два отсто, на 24,43 илјади милијарди долари, кога ќе се вклучи и трговијата во рамките на Европската унија.
Кина беше најголемиот извозник со вредност на испорачана стока од 3,58 трилиони долари, објави СТО.
Најголем увозник беше САД со вредност на увезена стока од 3,36 илјади милијарди долари.
Европската унија го зазеде второто место во рангирањето на „трговци“, со извозна вредност од 2,8 илјади милијарди долари и увозна вредност од 2,63 илјади милијарди долари, објави СТО.
Пренасочени текови
Годинава, според сценариото засновано на сегашните трговски мерки, Северна Америка ќе забележи особено остар пад на трговската размена, при што извозот ќе падне за цели 12,6 отсто, пресметаа тие.
Увозот на стоки во Северна Америка треба да се намали за 9,6 отсто.
Извозот и увозот во Азија би требало да пораснат за само 1,6 отсто, околу половина од прогнозите на СТО во октомври.
Европскиот извоз би требало да порасне за еден процент, а увозот за 1,9 отсто, односно за 0,3 процентни поени послаб отколку што покажаа прогнозите од минатата есен.
Влијанието на Азија и Европа врз светската трговија и оваа година треба да биде позитивно, но нешто помало отколку што покажа неутралното сценарио со пониски царини, посочуваат од СТО.
Нарушувањата во американско-кинеската трговија ќе ги пренасочат стоковите текови и ќе ги поттикнат стравовите во другите земји од зголемената кинеска конкуренција, предупредува СТО.
Кинескиот извоз на стоки во други светски региони, со исклучок на Северна Америка, во такви услови би пораснал за четири до девет проценти.
Американскиот увоз на текстил, облека и електрична опрема од Кина нагло би се намалил, отворајќи можност за другите добавувачи да ја „пополнат дупката“.