Унгарските пратеници денеска треба да гласаат за контроверзниот уставен амандман кој активистите за човекови права го опишаа како сериозна ескалација во напорите на владата да го задуши несогласувањето и дополнително да ги ограничи човековите права.
Амандманот, поддржан од премиерот Виктор Орбан и неговата десничарска популистичка партија Фидес, се обидува да ја внесе во Уставот неодамнешната забрана за Парадата на гордоста, која ќе им овозможи на властите да користат софтвер за препознавање лица за да ги идентификуваат учесниците и потенцијално да ги казнат.
Според владата, амандманот има за цел да го заштити физичкиот, менталниот и моралниот развој на децата, а во исто време уставно го признава постоењето на само два пола, со што се отвора простор за отфрлање на родовиот идентитет на некои граѓани во Унгарија, пишува Гардијан.
Откако Виктор Орбан постојано тврдеше дека странци се мешаат во унгарската политика, уставниот амандман вклучува можност за привремено суспендирање на унгарското државјанство за лица со двојно државјанство за кои властите сметаат дека се закана за безбедноста или суверенитетот на земјата.
Унгарскиот Хелсиншки комитет, здружение за човекови права, го опиша амандманот како начин за легално ширење на страв во земја-членка на ЕУ.
„Овие закони претставуваат сериозна ескалација во напорите на владата да го задуши несогласувањето, да ја ослабне заштитата на човековите права и да ја консолидира нејзината моќ“, се вели во соопштението.
Опозициската партија Моментум предупреди на сличности со ограничувањата во Русија.
Како Владимир Путин, Орбан се обидува да се прикаже себеси како бранител на традиционалните семејни вредности, воведувајќи мерки како што се забрана за посвојување деца од истополови парови и исклучување на ЛГБТК+ темите од училишните програми.
Моментум преку социјалните мрежи ги повика граѓаните да им се придружат во денешното блокирање на собраниската зграда, за да се обидат да го спречат гласањето на законот.
„Да ги спречиме заедно да не тргнат по патот на Путин и да ни ја одземат слободата“, велат тие.
Уставниот амандман се очекува да биде усвоен речиси еден месец откако пратениците го усвоија законот за забрана на јавни настани на ЛГБТК+ заедницата по забрзана постапка.
Оттогаш, илјадници луѓе протестираат на улиците, блокирајќи ги мостовите и главните патишта со пароли како „демократија“ и „собирот е основно право“.
„Оваа влада не ја разбива демократијата тула по тула, сега оди со багер“, рече независниот претставник Акос Хадази, кој соработува со движењето Моментум, на неодамнешниот протест, според Блумберг.
„Тука сме затоа што мораме брзо да дејствуваме за да го спречиме тоа“, рече тој.
Орбан и неговата влада тврдат дека нивната цел е да ги заштитат децата од она што тие го нарекуваат сексуална пропаганда, но аналитичарите посочуваат дека тоа е предизборна стратегија во која малцинството ЛГБТК+ се користи како жртвено јагне за мобилизирање на конзервативниот електорат.
Орбан, кој со години се соочува со критики за слабеење на демократските институции и систематско поткопување на владеењето на правото, се соочува со сериозен предизвик пред следните избори во форма на Петер Маѓар, поранешен член на врвот на партијата Фидес.
По објавувањето на веста за забраната на Парадата на гордоста минатиот месец, 22 европски амбасади во Унгарија – вклучително и британската, француската и германската – објавија заедничка изјава во која изразија длабока загриженост дека законот може да доведе до ограничување на правото на мирно собирање и слободата на изразување.
На социјалните мрежи се огласи и еврокомесарот за еднаквост Хаџа Лахбиб.
„Секој треба да има право да биде тоа што е, да живее и да сака слободно. Правото на мирно собирање е фундаментално право што треба да биде заштитено во целата Европска унија. Ние стоиме со ЛГБТК заедницата, во Унгарија и во сите земји-членки“, рече таа.