Нема победници во царинската војна, изјави кинескиот претседател Си Џинпинг по претпладневната средба со шпанскиот премиер Педро Санчез.
Тој ја повика Европската унија заеднички „да стави крај на едностраните насилни практики“, осврнувајќи се на широката примена на американските царини ширум светот, истовремено нагласувајќи ја важноста од континуираната економска глобализација меѓу овие две светски сили.
„Нема победници во трговската војна, а одењето против целиот свет може да доведе само до самопрогонство“, му рекол Си на шпанскиот премиер Педро Санчез во петокот во Пекинг, според извештајот на државната телевизија CCTV.
Кинескиот претседател рече дека неговата земја „не се плаши“, во својот прв јавен коментар за ескалацијата на трговската војна со САДржави, која ги потресе меѓународните пазари и ги поттикна стравувањата од глобална рецесија.
„Повеќе од 70 години, развојот на Кина се потпира на сопствената сила и напорна работа – никогаш не на туѓите материјали, а Кина не се плаши од нефер притисок“, нагласи Кси.
„Без разлика како се менува надворешното опкружување, Кина ќе остане самоуверена, фокусирана и посветена на добро управување со сопствените работи.
Шпанскиот премиер – чија земја секоја година увезува стоки во вредност од околу 50 милијарди долари од Кина – рече дека трговските тензии не треба да ја попречуваат соработката на Европската унија со Пекинг.
„Шпанија и Европа имаат значителен трговски дефицит со Кина…“, призна Санчез, „но не смееме да дозволиме трговските тензии да застанат на патот на потенцијалниот развој на нашите односи“.
Си и Санчез се сретнаа денеска за да разговараат за трговските и општите односи меѓу ЕУ и Кина.
Администрацијата на Трамп неодамна ги зголеми тарифите за кинеските стоки на ниво од 145 отсто, што предизвика остри реакции во Пекинг и дополнително го комплицираше глобалниот трговски тек.
Кинеските власти веќе најавија „борба до крај“, а Си Џинпинг сега за прв пат лично го кажа ставот на Пекинг.
Трамп завчера објави дека за 90 дена го замрзнува воведувањето нови царини за сите трговски партнери освен Кина.
Европската унија реагираше со паузирање на сопствените најавени контрамерки, исто така за период од 90 дена, што отвори можност за намалување на ескалацијата меѓу Брисел и Вашингтон, но истовремено ја потенцираше се поинтензивната трговска војна меѓу САД и Кина.