Високи претставници на Кремљ денеска изјавија дека има мали шанси наскоро да биде постигнат нов договор за намалување на нуклеарното оружје со САД поради недостигот на доверба, истовремено предупредувајќи дека голем број други земји ќе се здобијат со нуклеарно оружје.
Оваа „мрачна“ оценка на Москва, пишува Ројтерс, доаѓа по пропаѓањето на серијата договори за контрола на вооружувањето кои се обидуваа да ја забават трката во вооружување, да го намалат ризикот од нуклеарна војна и забрзаното зајакнување на нуклеарниот арсенал на Кина.
На прашањето за изгледите за замена на Новиот договор за намалување на стратешкото оружје (Нов СТАРТ), кој истекува во февруари 2026 година, портпаролот на Кремљ Димитриј Песков рече дека во моментов е тешко да се замисли дури и почеток на преговори во таа насока.
„Тешко е да се замисли почеток на преговорите“
„Во овој момент е многу тешко да се замисли почеток на такви преговори, бидејќи самиот факт на преговарање за прашања од стратешка безбедност, контрола на оружјето, подразбира одредено ниво на билатерални односи, одредено ниво на меѓусебна доверба. Ова е нешто што допрва треба да се врати со присуство на соодветна политичка волја на двајцата претседатели“, рече Песков за новинарите.
Русија и САД се убедливо најголемите нуклеарни сили во светот, со околу 88 отсто од целиот нуклеарен арсенал во светот.
Според Федерацијата на американски научници, по нив следат Кина, Франција, Велика Британија, Индија, Пакистан, Северна Кореја и Израел.
Војната на Русија во Украина го предизвика најголемиот конфликт меѓу Москва и Западот од Кубанската ракетна криза во 1962 година, кога двете суперсили дојдоа на чекор од нуклеарна војна за време на Студената војна.
Поранешниот руски претседател Димитриј Медведев денеска предупреди дека во наредните години и други земји ќе се здобијат со нуклеарно оружје.
Тој го обвини колективниот Запад за туркање на светот до работ на Третата светска војна со водењето на „прокси“ војна против Русија во Украина.