Откако САД ја прекинаа воената помош за Украина, се појави клучното прашање – дали Европа може да ја надомести загубата?
Би-би-си анализираше колку е клучна американската поддршка досега и дали Европа може воопшто да ја замени.
Европа тешко може да ја замени американската помош за Украина
Иако Украина произведува дел од сопственото оружје, таа сепак во голема мера зависи од воената помош од Западот, особено од САД и нивните европски сојузници.
Вашингтон е најголемиот донатор на воена помош до сега, вклучувајќи муниција, противвоздушни системи и ракетни фрлачи кои и помогнаа на Украина да ги задржи руските сили.
Покрај испораката на оружје, од клучно значење е САД да ѝ обезбедат на Украина обемна логистичка и разузнавачка поддршка – од сателитски снимки и надзор до планирање операции и координирање на испораката на оружје.
Без овој систем, кој ѝ овозможува на Украина да дејствува побрзо, попрецизно и побезбедно, борбата на теренот станува значително потешка, а Европа нема сила да ја замени Америка.
Дополнително, на САД отпаѓаат повеќе од 60 проценти од вкупните трошоци за одбрана во рамките на НАТО, што ја покажува тежината на американскиот придонес во безбедносната архитектура на Западот, а особено во поддршката на Украина.
Две опции
Откако сегашниот американски претседател Доналд Трамп ги запре испораките, вниманието се префрли на европските земји и нивната способност да ја заменат таа помош.
Некои од нив најавија дополнителни пакети за поддршка, а Франција и Велика Британија дури предложија создавање „коалиција на подготвените“ што ќе вклучи испраќање војници и авиони во Украина.
Меѓутоа, прашање е дали европските армии имаат доволно ресурси.
Европа во моментов нема залихи на ниво што би можело трајно да го замени американското оружје и муниција, а исто така се дебата за тоа колку политички и финансиски се подготвени европските земји да преземат таква улога на долг рок.
Аналитичарите предупредуваат дека ако САД останат на страна, Европа ќе мора значително да го зголеми производството на оружје, да инвестира во одбраната и брзо да се договори за заедничка стратегија ако сака да спречи Украина да остане без клучна воена поддршка.
Втората опција е да се чека планот на Трамп за прекин на огнот, кој ќе донесе одмор не само за Украина, туку и за паничните притисоци за зголемени трошоци за одбрана во ЕУ.