Растат цените на храната, а растат и профитите на маркетите

Сподели со своите пријатели

Растот на приходите и на профитите на маркетите, кој се должи на високите цени на основните производи за секое домаќинство, на инфлацијата, но и на големите маржи на трговците, носи голем револт кај граѓаните затоа што го празни нивниот личен буџет како никогаш досега.

Loading...

Додека остварените финансиски резултати може да се сметаат како успех за маркетите, сепак нивниот успех го влошува животниот стандард на населението, притиснат од поскапувањето на животните трошоци.

Тој револт во минатиот петок ги натера Хрватите да ги бојкотираат маркетите и другите малопродажни места  во знак на протест против високите цени и големите профити на маркетите. Овој бојкот стана симбол на отпорот на потрошувачите, кои бараат фер цени и транспарентност од страната на трговските ланци.

Оваа ситуација ја отвора дилемата дали економските резултати на трговците треба да бидат толку високи во услови на растечка економска нееднаквост и сѐ поголема финансиска тензија во домаќинствата. Токму ова прашање ги поттикнува растечките тензиите меѓу трговците и потрошувачите, кои стануваат сѐ помалку трпеливи кон зголемувањето на цените.

Дали од истите причини може да се случи и македонските потрошувачи да започнат бојкот на трговците или пак тие се помирени со високите цени и со нив се справуваат преку намалување на секојдневната потрошувачка? Што покажуваат бројките за изминатите седум години, период во кој се случија големи турбуленции на пазарите?

Киппер маркети, КАМ и Стокомак имаат убедливо најголем раст на приходите во периодот 2018-2023 година. Во претпандемиската 2018 година, кога условите на пазарот беа мирни и редовни, Киппер маркети имаше вкупни приходи од 47,9 милиони евра, а во 2023 година ги зголеми на 175,2 милиони евра, што е повеќе од три пати.

Во истиот период, најголемиот трговски синџир на мало во земјава, КАМ маркети ги зголеми приходите од 130,6 милиони евра на 269 милиони евра. Друштво им прави и Стокомак, кој во 2018 година имаше вкупни приходи од 51,8 милиони евра, а во 2023 година 138,5 милиони евра.

Трите компании имаат континуиран раст на приходите во изминатите седум години. Веднаш зад нив се Кит-Го и Веропулос, со нешто поскромен раст на приходите, додека кај Тинекс и Рамстор се забележува стагнација во висината на приходите.

Loading...

 

 

Киппер маркети е убедливо на шампионското место според растот на профитите во изминатите седум години. Ако во 2018 година компанијата имала профит од 1,6 милиони евра, 2023 година ја заврши со нето добивка од дури 5,5 милиони евра.

Тоа е повеќе од три пати поголема добивка во однос на 2018 година. Профитите на КАМ маркети и на Стокомак во истиот период се зголемени повеќе од двојно.

Поскромен раст имаат Веропулос и Рамстор, а Тинекс бележи пад на добивката, кој особено е изразен во 2022 година, а во 2023 година компанијата полека ги консолидира билансите, но се уште е далеку од постигнатото во 2018 година.

 

Loading...

Бидејќи годишните финансиски резултати на компаниите за 2024 година се уште не се објавени, останува енигма дали и во минатата година продолжил трендот на огромен раст на приходите и профитите на дел од трговците.

За да го видиме трендот во 2024 година ги анализиравме податоците на Државниот завод за статистика за прометот во трговијата на мало со храна, пијалоци и тутун.

Годишните стапки на промена во овој сегмент од трговијата покажуваат дека во првите 11 месеци од 2024 година, дури во 7 месеци има пад во прометот.

За разлика од 2024 година, во 2023 година, само во 4 од 12 месеци има пад во прометот во трговијата на мало со храна, пијалоци и тутун.

Во вакви услови, растот на профитите во 2024 година, дефинитивно во најголем обем ќе биде резултат на високи цени и трговски маржи.

 

 

Loading...

Целата анализа на следниот линк:  https://pari.com.mk/kolku-porasnaa-prihodite-i-profitite-na-marketite/