Кумановскиот актер Марко Трајковиќ со награда од фестивалот „Војдан Чернодрински“

Сподели со своите пријатели

Оценувачката комисија на 51-от Македонски Театарски Фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп ја објави листата на награди. Наградата за млад актер „Трајко Чоревски“ ја доби кумановскиот актер Марко Трајковиќ за улогата Земјаника во претставата „Ревизор“ во режија на Андреј Цветановски.

Симона Тоскиќ, извршен продуцент и драматург во Театарот во Куманово вели дека наградата за Трајковиќ пријатно ги изненадила сите колеги во кумановскиот театар.

Мора да признам дека сите се надевавме и сакавме да освоиме награда на овој реномиран фестивал, поради сето она што го нуди претставата „Ревизор“ и затоа што милам дека оставивме добар впечаток и кај публиката, и кај жирито. Ликот на директорот на болница – Земљаника кој Марко го толкува е комплетно изграден и затоа сметам дека наградата е заслужена. Ова е поттик да продолжиме да создаваме квалитетен репертоар, кој ансамблот успешно го реализира, како и да освоиме и други награди на фестивали во и вон државава – вели Симона Тоскиќ, извршен продуцент и драматург во Театар Куманово.

Инаку, Марко Трајковиќ е чест лик во претставите во кумановскиот театар. Досега можевме да го видиме во претставите: „Жена од минатото“, „Волшебникот од Оз“, „Идиоти“, „Брачна игра“, „Мајка Храброст“, „Нажалена фамилија“, „Тања Тања“, каде што заедно со другите колеги прават успешна театарска целина.