Кривични пријави за поранешен вработен во кумановскиот Катастар и уште неколку лица

Сподели со своите пријатели

Секторот за внатрешни работи – Куманово поднесе кривична пријава против И.А. (54) од селото Опае, поранешен вработен во Агенција за катастар – Куманово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“, против И.Ц. (35), З.Ц. (41) и Д.Ц. (39), сите од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „употреба на исправа со невистинита содржина“ и „пустошење шума“, информираат од Министерството за внатрешни работи.

И.А. во текот на 2012 година, злоупотребувајќи ја службената положба, по претходен договор со останатите пријавени, оформил предмети за наводна исправка на техничка грешка по службена должност за две катастарски парцели во општина Длабочица со вкупна површина од 12.343 м2, кои биле во сопственост на С.М. За истите без никаков правен основ внел невистинити податоци за сопственоста, а потоа со свој потпис и печат ги заверил и спровел во електронскиот систем на катастарот, за што издал и имотен лист во сопственост на останатите пријавени.

Второ, трето и четвртопријавениот, искористувајќи ги наведените податоци како вистинити, во лиценциран субјект поднеле барање за кое добиле и одобрение за сеча на огревни дрва и исекле вкупно 400,8 метри кубни огревно дрво, оштетувајќи го С.М. за износ од 2.805.600 денари.