Куба почна да ослободува некои затвореници како дел од преговорите со Ватикан и еден ден откако администрацијата на претседателот Џо Бајден ја објави својата намера да ја отстрани Куба од списокот на земји кои го поддржуваат тероризмот.
Според извештаите на кубанските граѓански здруженија, повеќе од десетина лица осудени за различни злосторства биле ослободени во текот на денот, вклучително и некои кои беа уапсени за време на протестите во 2021 година, објави АП.
Во вторникот, американската влада го извести Конгресот за својата намера да ја отстрани Куба од таа листа, како дел од договорот постигнат со посредство на Ватикан.
Кубанските власти најавија дека ќе ослободат некои од овие лица пред администрацијата на Бајден да го заврши мандатот на 20 јануари.
Неколку часа подоцна, кубанското Министерство за надворешни работи соопшти дека владата го информирала папата Франциско дека постепено ќе ослободи 553 затвореници, додека властите ќе истражуваат правни и хуманитарни начини за спроведување на планот.
Дел од „Јубилеј 2025“
Куба не го поврза ослободувањето на затворениците со одлуката на САД, но нагласи дека тоа е дел од „јубилејот 2025“, прогласен од Папата и кој се одржува на секои 25 години, кога верниците одат на аџилак во Рим.
Намерата на Бајден да ја повлече ознаката на Куба за државен спонзор на тероризмот би можела да се смени веќе следната недела, кога новоизбраниот претседател Доналд Трамп ќе ја преземе функцијата, а Марко Рубио, долгогодишен застапник за санкции против Куба, ќе ја преземе функцијата државен секретар.