Вкупно 1.073 граѓани на Општина Куманово починале во текот на изминатата година, а од нив 13 биле доенчиња, објави денеска Државниот завод за статистика притоа нагласувајќи дека е забележан раст на морталитетот во споредба со минатите години.
Според податоците повеќе мажи минатата година починале на подрачјето на Општина Куманово и тоа 556, додека жените во нешто помала бројак, односно 517. Од вкупно починатите 1.037 биле лекувани пред смртта, од кои 12 доенчиња, а во здравствена установа починале 316 лица.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во Република Македонија, бројот на умрените лица е зголемен за 3.8% во однос на претходната година и изнесува 20.461 починати лица во целата држава. Поголем број се од машки пол и тоа 10.562 или 51.6% од вкупно умрените лица. Бројот на умрените доенчиња во државата изнесува 198 и нивното учество во вкупниот број на умрени лица изнесува 1.0% на 100 умрени лица.
Според месецот на смртта, најголем број на случаи (2.105) се регистрирани во јануари.
Просечната возраст кај умрените од машки пол изнесува 70.4 години, односно 75.1 години кај лицата од женски пол, или за 4.7 години повисока просечна возраст се бележи кај жените.
Како и во минатите години, најголемо учество имаат умрените лица од болести на циркулаторниот систем, 58.4% од вкупно умрените, потоа неоплазмите со 18.3%, случаите кај кои причина за смрт се ендокрините, нутритивните и метаболичките болести се застапени со 4.3%, a случаите кај кои причина за смрт се болестите на респираторниот систем се застапени со 3.7% од вкупно умрените.

