Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска пристигна во судницата во Тел Авив за да одговори на обвиненијата во продолжението на судскиот процес за корупција.
Нетанјаху е првиот актуелен шеф на израелската влада кому му се суди за кривично дело.
Обвинението го товари за корупција, измама и злоупотреба на довербата.
Денешното рочиште го означува продолжувањето на судењето прекинато поради војната во Појасот Газа, бидејќи Нетанјаху поднесе неколку барања за одложување на постапката, наведувајќи ги непријателствата предизвикани од нападот на палестинското исламистичко движење Хамас во Израел на 7 октомври 2023 година. Тогаш почна војната која се уште трае.
Противниците на Нетанјаху и поддржувачите на премиерот се собраа пред зградата на судот, додека пратениците од десничарската владина коалиција присуствуваат на рочиштето, кое од безбедносни причини е во подземна просторија.
Претходното појавување на судот на Нетанјаху беше во јуни 2023 година, пред почетокот на војната во Појасот Газа.