Одбранбениот договор меѓу Северна Кореја и Русија, потпишан во јуни, стапи на сила откако двете страни разменија документи за ратификација, објави денеска официјалната севернокорејска новинска агенција КЦНА.
Официјализирањето на договорот доаѓа откако САД и Јужна Кореја го обвинија нуклеарно вооружениот Север дека испратил повеќе од 10.000 војници да ѝ помогнат на Русија во борбата против Украина.
Аналитичарите велат дека севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун сака за возврат да добие напредна технологија и борбено искуство за своите сили од Москва.
Што предвидува договорот?
Ким и рускиот претседател Владимир Путин потпишаа договор за стратешко партнерство за време на посетата на шефот на Кремљ на Пјонгјанг.
Со него и двете земји се посветени на обезбедување воена помош „без одлагање“ во случај на напад на другата и на заедничко противење на западните санкции.
Тој стапи на сила синоќа, кога во Москва беа разменети документите за ратификација од страна на замениците министри за надворешни работи Ким Џонг-гју и Андреј Руденко, пренесе КЦНА.
Руските пратеници минатиот месец едногласно гласаа за договорот, а Путин подоцна го потпиша. Пјонгјанг рече дека тоа е ратификувано со указ на Ким.
Минатата недела, за време на посетата на рускиот министер за одбрана Андреј Белоусов на Пјонгјанг, Ким рече дека неговата влада, армија и народ „секогаш ќе ја поддржуваат политиката на Руската Федерација во одбрана на суверенитетот и територијалниот интегритет“.