Сонот за Европа се протега на Западен Балкан, Украина, Грузија и Молдавија, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на презентацијата на нејзиниот нов тим комесари и нивната програма во Европскиот парламент.
Истакна дека посветеноста на Европа кон овие земји секогаш ќе биде посилна од Русија.
Фон дер Лајен, зборувајќи за портфолиото што ќе го води Марта Кос како нов комесар за проширување, рече дека ЕУ ќе ги поддржи овие земји во процес заснован на заслуги, „додека не бидат подготвени да се приклучат на нашата Унија“.
„Борбата за слобода не се однесува само на нашите 27 земји-членки. Сонот за Европа се протега на Западен Балкан, Украина, Молдавија и пошироко. Ја видовме храброста на народот на Украина во нивната потрага по својот европски пат. Ја видовме издржливоста на народот на Молдавија да ја задржи својата европска иднина. Ја видов и ја видовме посветеноста на Западен Балкан за реформи, раст и подготовка за влез во ЕУ“, рече Фон дер Лајен во своето обраќање пред пратениците во Европскиот парламент, пред гласањето за новиот состав на Комисијата.
Во исто време, тврди Фон дер Лајен, „видовме како Русија нема да застане пред ништо за да ја спречи нивната европска иднина“.
„Но, посветеноста на Европа кон овие земји секогаш ќе биде посилна“, рече Фон дер Лајен, пренесува Танјуг.
Таа додаде дека ЕУ ја сака Украина како дел од неа и дека ќе стои на страна на Украина се додека тоа е потребно.
„Ќе се подготвиме со реформите што ни се потребни на наша страна. Ние ќе ги поддржуваме овие земји на секој чекор од патот во нивниот процес заснован на заслуги додека не бидат подготвени да се приклучат на нашата Унија. Со своето огромно искуство, Марта Кос е вистинската личност за оваа работа“, изјави Фон дер Лејен.
Фон дер Лајен во Европскиот парламент го претстави својот нов тим на комесари и нивната програма, по што следеше дебата, а потоа ЕП ќе гласа за одобрување на новиот состав на Европската комисија.
Откако Европскиот парламент ќе ја избере Комисијата, таа треба формално да биде назначена од Европскиот совет со квалификувано мнозинство.
Се очекува новата Европска комисија да стапи на функција на 1 декември 2024 година.