Долниот дом на австралискиот парламент усвои закон со кој може да се забранат социјалните мрежи за деца под 16 години, што е една од најстрогите контроли на социјалните мрежи во светот, пишува Ројтерс.
Законот е усвоен со 102 гласа „за“ и 13 „против“, а се очекува Сенатот наскоро да го разгледа за да биде усвоен пред крајот на парламентарната година.
Премиерот Ентони Албанес, кој е за овој закон, тврди дека прекумерната употреба на социјалните мрежи го загрозува физичкото и психичкото здравје на децата.
Законот би наложил социјалните мрежи да имплементираат систем за проверка на возраста, со можност за воведување казна од 32 милиони долари за непочитување на законската одредба, пренесува Танјуг.
Иако Гугл и Мета побараа одложување на законот додека не заврши тестирањето на системот за проверка на возраста, јавноста најмногу го поддржува законот, додека родителските групи го гледаат како клучна мерка за заштита на децата од сајбер-малтретирање.
Анкетите покажаа дека 77 отсто од Австралијците ја поддржуваат забраната, додека противниците на законот наведуваат прашања за приватност и слобода на изразување.