Градоначалникот на Општина Куманово и претседател на Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски присуствуваше на Третиот меѓународен саем за вино, храна, ракија и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“ во Србија.
– Овој значаен настан, кој е дел од иницијативата Отворен Балкан, претставува најголема платформа за промоција на регионалните кулинарски и вински богатства, каде што своето место ќе го заземе и Македонија со својот автентичен гастрономски идентитет, вели Димитриевски.
Во рамки на саемот, се одржува „Македонска вечер“, организирана под покровителство на Владата на Република Македонија и претседателот на Владата, Христијан Мицковски.
Оваа година, на саемот за вино, ќе земат учество голем број на винарии и дестилерии, изложувачи на храна и ресторани со врвни македонски готвачи.
Преку нивната презентација, посетителите ќе имаат уникатна можност да ги вкусат врвните македонски вина, да уживаат во традиционалните вкусови и да се запознаат со гастрономските особености на Македонија.
Освен премиерот Христијан Мицкоски, со Димитриевски на настанот ќе учествуваат и Љупчо Димовски заменик-претседател на Владата за политички систем, Иван Стоилковиќ заменик-претседател на Владата и министер за односи меѓу заедниците, Игор Јанушев генерален секретар на Владата, Зоран Љутков министер за култура и туризам, Цветан Трипуновски министер за земјоделство, шумарство и водостопанство и Горан Минчев министер за јавна администрација.
Премиерот Мицкоски ќе има средба со претседателот и премиерот на Република Србија Александар Вучиќ и Милош Вучевиќ.
Никола Ивановски