Во следните нешто повеќе од една година, на македонските граѓани повеќе нема да им треба виза за патување во Кина, а во таа земја ќе можат да останат без виза до 30 дена, објави во петокот Ројтерс.
Граѓаните на Македонија, Хрватска, Јапонија, Бугарија, Романија, Малта, Црна Гора и Латвија повеќе нема да имаат потреба од виза за влез во Кина од 30 ноември оваа година до 31 декември 2025 година, изјави во петокот портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи.
Кина, исто така, ќе го продолжи безвизниот престој во земјата на 30 дена од сегашните 15 за граѓаните од сите 38 земји како дел од таа програма, објави државната телевизија CCTV.
Кина претходно се откажа од визите за Јужна Кореја и некои европски земји за да го поттикне туризмот и трговијата во услови на забавување на економскиот раст.