Западните земји треба најсериозно да ја сфатат изјавата на рускиот претседател Владимир Путин, во која тој зборуваше за украинскиот конфликт и употребата на новата руска балистичка ракета „Орешкин“, изјави денеска за радио „Кошут“ унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Унгарскиот премиер рече и дека јавната комуникација во различни земји се одвива поинаку, но дека „ако претседателот нешто каже во Русија, тоа не се празни зборови“, објави порталот Portfolio.hu.
Тој потсети дека Украина е сосед на Унгарија и дека „не е потребна голема фантазија за да се замисли колку брзи и неочекувани можат да бидат последиците од војна во соседна земја“.
„Опасноста е неизбежна. Оваа вест зборува за непосредна опасност од војна на Унгарија“, рече Орбан.
По повод инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, Орбан изјави дека „секој што бил војник и чувал стража знае дека ноќта е најтемна пред зори“.
„Ќе дојде зората за два месеци, но дотогаш живееме во уште поголем мрак од порано.
„Следни се двата најопасни месеци од војната“, додаде тој.
Тој посочи дека очекуваната промена во политиката на Вашингтон неминовно ќе влијае на пристапот на Западна Европа кон украинскиот конфликт.
Орбан додаде дека Унгарија ќе дејствува „промислено и смирено“.
На прашањето дали Европа ќе може да продолжи да ја поддржува Украина во војната ако САД се повлечат, Орбан рече дека Европа не е во позиција воено да ја поддржи Украина со најмала шанса за успех.
Според него, дебатата за германските ракети „Таурус“, односно за одлуката на Германија да и ги достави на Украина, „е под силно влијание на одлуката на Америка“, пренесува Танјуг.
Орбан рече и дека кога Русите ќе ја модифицираат нуклеарната доктрина, тоа нема да биде комуникациски трик, туку ќе има последици.