Бројот на загинати во вчерашниот руски напад на пристаништето Одеса, на југот на Украина, се искачи на најмалку 10 загинати и 43 ранети, соопштија украинските спасувачки служби.
Регионалниот гувернер Олег Кипер изјави дека меѓу загинатите има седум полицајци, еден член на медицинскиот персонал и двајца граѓани.
Градоначалникот на Одеса Генадиј Труханов претходно изјави дека непријателот истрелал ракета кон станбената и комерцијалната зона.
Според првите снимки од очевидци пренесени на социјалните мрежи, се гледаат тела, запалени возила и зграда зафатена со прашина и чад.
Руска балистичка ракета со касетно оружје погоди станбена област во северниот украински град Суми, при што загинаа 11 лица, меѓу кои две деца, а 84 лица беа ранети, пренесува АФП.
Во нападот прексиноќа на Суми, кој е на 40 километри од руската граница, оштетени се 15 згради, меѓу кои и две училишта, соопшти регионалното обвинителство, пренесува Бета.
Русија во последните денови ги интензивира нападите врз Украина. Во текот на викендот го зголеми бројот на ракетни и беспилотни напади врз украинските градови и нејзината енергетска инфраструктура.
Руската армија го продолжува напредувањето во источна Украина, заземајќи, како што тврди, уште едно село јужно од градот Покровск, клучен центар за украинските сили, кои се соочуваат со зголемени тешкотии на бојното поле.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека единиците на групата „Центар“ го ослободиле селото Новолексивка. Тоа место се наоѓа на околу 15 километри јужно од Покровско.
Украинската армија завчера истрела 74 проектили на цели низ регионот на Белгород и го нападна регионот со 23 беспилотни летала, при што загина еден цивил, објави на својот канал Телеграм гувернерот на Белгородската област Вјачеслав Гладков.
Според Гладков, во рок од 24 часа биле нападнати 22 населени места во седум погранични окрузи на Белгородската област.