Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека Германија нема да испрати крстосувачки ракети со долг дострел „Таурус“ во Украина бидејќи, како што наведе, тоа би значело директно вклучување на Германија во војната.
На овој начин, Шолц одговори на новинарско прашање за да ги коментира медиумските извештаи дека САД одобриле испорака на ракети со долг дострел на Украина за напади длабоко во руската територија.
Германскиот канцелар, кој е во Бразил на самитот Г20, во понеделникот посочи дека употребата на германски ракети Таурус во војната меѓу Украина и Русија би значело дека Германија прифаќа заедничка одговорност за контрола на целта, што де факто би ја направило страна во војната.
– Тоа е нешто што не можам и не сакам да го правам – рече Шолц, посочувајќи дека Германија до сега ѝ забрануваше на Украина да го користи германското оружје што и беше доставено досега за да гаѓа цели длабоко на руска територија.
Светските медиуми, вклучително и Ројтерс и „Њујорк тајмс“, во неделата објавија дека администрацијата на американскиот претседател во заминување Џозеф Бајден ја овластила Украина да користи крстаречки ракети со долг дострел ATACMS за напади длабоко во руска територија.
Во меѓувреме, оваа информација ја потврди и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, а од Вашингтон се уште нема официјална потврда.