Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа предупреди за „зајакнувањето на сојузот“ меѓу Русија и Северна Кореја, наведувајќи дека тоа бара силен одговор од Украина и нејзините меѓународни партнери.
Зеленски го изјави ова во синоќешното видео обраќање откако некои медиуми објавија дека Северна Кореја најверојатно ќе распореди редовни трупи во Украина за да и помогне на Русија на фронтот, објави „Киев Индипендент“.
„Ова повеќе не е само за трансфер на оружје, туку за трансфер на луѓе од Северна Кореја во окупаторските воени сили. Во светлината на оваа ескалација, на украинските трупи на фронтот им е потребна поголема поддршка“, рече Зеленски.
Украина тврди дека Северна Кореја ја снабдува Русија со балистички ракети и огромни количества артилериски гранати.
Русија и Северна Кореја потпишаа договор за меѓусебна одбрана за време на посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Пјонгјанг на почетокот на оваа година.
Јужнокорејскиот министер за одбрана Ким Џонг-хјун на почетокот на октомври пред пратениците изјави дека Северна Кореја најверојатно планира да испрати војници во Украина за да се борат на страната на Русија.
На 10 октомври, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги отфрли таквите тврдења како лажни.