Украина го зголемува домашното производство на оружје, воена опрема и беспилотни летала, но сепак има потреба од значителна помош од Западот за да се спротивстави на руската агресија, се наведува во извештајот на Институтот за проучување на војната „ISW“.
Аналитичарите конкретно ја цитираат изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека украинските компании во моментов можат да произведуваат четири милиони дронови годишно, а веќе се потпишани договори за производство на 1,5 милиони дронови.
Покрај тоа, според Зеленски, Украина е способна да произведува 15 самоодни артилериски инсталации „Бохдан“ секој месец, а неодамна беше извршен и успешен тест на балистичка ракета од домашно производство, се вели во извештајот објавен на „ISW“.
Министерот за одбрана Рустем Умеров истакна дека Украина ќе продолжи да дава приоритет на домашното производство на беспилотни летала и ракети со долг дострел, вклучително и балистички.
Истовремено, премиерот Денис Шмихал најави дека во предлог-буџетот на државата за 2025 година се предвидени 7 милијарди долари за набавка на оружје и воена опрема, што е за 65 отсто повеќе од годинава.
Според него, Украина тројно го зголемила домашното производство на оружје во 2023 година и двојно се зголемила во првите осум месеци од 2024 година.
Според „ISW“, напорите на Украина да го прошири домашното воено производство ќе и овозможат да ја намали својата долгорочна зависност од западната воена помош.
Сепак, на Украина и понатаму и е потребна значителна помош од Западот во следните неколку години за да се одбрани од руската агресија и да ги ослободи стратешки важните територии кои моментално се окупирани од руските војници, се наведува во извештајот, пренесува Танјуг.