Во далечната академска 1976/1977 година имало 34.891 студент (на било која студиска година) на 19 факултети.
Потоа, бројот на факултетите и на студентите постепено се зголемувал, за точно пред 40 години, односно во 1983/1984 година има 32 факултета со 35.916 студенти.
Во тековната академска 2023/2024 година има 131 факултет, а бројот на запишаните студенти е 52.316, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика.
Притоа, бројот на студентите кои се запишале на прва година е 15.330 или 29,3 % (тука се опфатени и студентите што запишуваат прва година по втор, трет и повеќепати).
Бројките покажуват дека денеска имаме дури 42,4% повеќе студенти отколку пред 40 години. Но, истовремено имаме дури 99 факултети повеќе и тројно зголемен наставен кадар.
Сепак, за да се утврди – дали во однос на периодот од пред четири децении, младината е сега толку многу поориентирана кон академската диплома, неопходно е да се види нивното учество во вкупното население.
Што значи, да се изанализираат податоците за тоа колкав процент од жителите зафаќаат младите кои студираат (од 18 до 23-годишна возраст) во сите изминати години.
За жал, вакви пресметки во Државниот завод за статистика нема. Направени се само за последната деценија, а тие се и основа за анализата на порталот „Пари“.
Според тие податоци, од академската 2012/2013 заклучно со 2015/2016 година има постојано зголемување на соодносот меѓу студентите во високото образование и популацијата на истата возраст од 18 до 23 години. Ова е податок кој статистичарите го нарекуваат нето-стапка на запишување во високото образование.
Потоа има тренд на намалување, со исклучок на ланската 2022/2023 година, кога нето-стапката се зголемила, за оваа академска година пак да забележи пад. Сепак, во целиот период со осцилации од околу еден процент надолу, или нагоре, овој сооднос низ годините се движел околу 30 проценти.
Уште од 2008 година почна да се развива концептот на дисперзирани студии, кој од тогашниот премиер Никола Груевски беше оправдуван со тоа дека на секој млад човек треба да му се овозможи да студира. Па се отвораа дисперзирани студии низ сите градови.
Потоа, со текот на времето овој концепт предизвика сериозни критики – дека претставува голем трошок за државата, а не дава резултати. Во 2017 година, откако на власт дојде СДСМ, дел од дисперизраните студии беа укинати.
Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/pred-40-godini-sme-imale-32-fakulteti/