На девизните пазари, вредноста на доларот во однос на кошницата валути падна додека инвеститорите го чекаат извештајот за инфлацијата во САД, што може да влијае на одлуката на ФЕД и насоката на пазарот.
Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утринава се движи околу 101,45 поени, додека вчера во ова време изнесуваше 101,69 поени.
Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута потона од вчерашните 143,30 на 141,50 јени, што е најниско ниво во последните осум месеци.
Американската валута ослабе и во однос на европската, па цената на еврото достигна 1,1040 долари, додека вчера во ова време беше 1,1030 долари.
Цените на нафтата, пак, надоместија дел од вчерашните загуби, кога нагло паднаа откако ОПЕК ја намали проценката за побарувачката за оваа и следната година поради бавниот раст на најголемите светски економии.
Цената на барелот на лондонскиот пазар утринава се зголеми за 0,61 отсто, на 69,60 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,62 отсто, на 66,15 долари.
Пад на азиските берзи
На азиските берзи утрово цените на акциите паднаа.
Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските акции, во 07:00 часот беше намален за 0,3 отсто.
Истовремено, индексот Никеи се лизна за 1,5 отсто на берзата во Токио, додека цените на акциите во Австралија, Јужна Кореја, Шангај и Хонг Конг паднаа меѓу 0,4 и 1,4 отсто.
Азиските инвеститори не се склони кон поризични инвестиции бидејќи попладнево ќе биде објавен извештај кој ќе покаже како се движела инфлацијата во САД во август.
Аналитичарите проценуваат дека потрошувачките цени пораснале за 0,2 отсто на месечно ниво, како и еден месец претходно, а дека пораснале за 2,6 отсто на годишно ниво, нешто побавно од еден месец претходно.
Податоците за цените на производителите ќе бидат објавени во четврток.
Тие извештаи би можеле да влијаат на одлуката на шефот на американската централна банка за каматните стапки на состанокот следната недела.
Повеќето аналитичари очекуваат намалување на каматните стапки за 0,25 процентни поени, но има и такви кои очекуваат поостро намалување за 0,50 процентни поени.
Поради оваа неизвесност, инвеститорите не беа охрабрени ниту од вчерашниот раст на индексот S&P 500 на Волстрит.
Дотолку повеќе што од утрово фјучерсите Dow Jones, S&P 500 и Nasdaq се во пад меѓу 0,4 и 0,6 отсто, по телевизиската дебата меѓу кандидатите за претседател на САД Камала Харис и Доналд Трамп.