Што изјавил Тито по обиколката на разурнатото Скопје во 1963 година?

Сподели со своите пријатели
По земјотресот од 26 јули 1963 година во Скопје, во кој животот го загубиле најмалку 3.000 лица, прв кој го посетил главниот град бил претседателот на тогашната СФРЈ, Јосип Броз Тито. Тито ветил дека Скопје повторно ќе се изгради, а во продолжение прочитајте ја неговата изјава дадена непосредно по обиколката на урнатините. „Кога вчера дознавме за катастрофата што го погоди Скопје, сите бевме страотно загрижени за судбината, во прв ред, на граѓаните од овој град. Но, денес, кога дојдовме тука, впечатокот за несреќата е мошне потежок, отколку што можеме тоа самите себе си да си го претставиме. Навистина градот доживеа катастрофа, какви во историјата на нашите народи немало. Ние ги резгледавме штетите што се сторени. Материјалните штети заедно со сите народи на Југославија, ние ќе настојуваме да ги поправиме, но човечките жртви никогаш не ќе можеме да ги надоместиме и ние длабоко сочувствуваме во болката со семејствата и народот на градот СКопје, за жртвите што ги поднесоа. Ние денес тука, сите заедно со другарите Кардељ, Ранковиќ, Тодоровиќ, Стамболиќ и други разговаравме со другарите од Македонија за мерките што треба да се преземат. Ние веќе донесовме заклучок за тоа, какви мерки, во прв ред треба да се остварат. Да се ублажат страдатања на народот од овој град. За иднината, обнова на овој град ние ќе ги преземеме сите потребни мерки, да може народот од овој крај и народот од овој град пак да се чувствува среќен во нашата социјалистичка заедница. Јас би сакал да го изразам своето длабоко уверување дека народот на Македонија ќе ја прежали оваа несреќа, и тој треба да биде уверен дека со себе ги има сите граѓани од нашата социјалистичка Југославија. На семејствата што ги изгубија своите мили јас им го изразувам своето најдлабоко сочувство и од свое име и од името на сите нас што бевме тука, па и од името на целиот народ на Југославија“, рекол Тито по обиколката на Скопје.

Извор: „Наш весник“ бр. 43 (01.08.1963 година) Фото: Википедија

Loading...