Слободата е само приказ. Верувањето е само утеха. Додека глупавоста ја сокрива мудроста да може се направи разлика од слободата, утехата, мислата и чистата бедна илузија. Општеството пропаѓа кога неговата култура почнува да се приклонува кон земјата, да се спушта на коленици и ко пес, скитник да не може да го осознае веќе своето легло. Пред некој ден пишувајќи едни стихови случајно ми дојде мисла и се родија следниве зборови : “ …небаре сме се овенчале со едно име на светото тројство. од тројца да постане еден и од еден да произлезат другите два…” тројство на моралот, писменоста и културата, кое се разобличува и од зависта потемнува та паѓа на земјата, ко темен, незнаен ангел.
Нешто е труло во државата Данска.
Бдејте и наслушнувајте вие самотници. Од иднина навираат и лулеејќи се надоаѓаат вести, лоши вести. Долговековно човекот се замислувал себеси над моралниот закон и над нештата кои му ја даваат неговата цел и неговата смисла. Но човештво во кое ја нема смислата, хм, дали тогаш не постои и самото човештво?
Периодов се забележува јасно дека човекот кој веќе со години е во екот на развитокот на цивилизацијата носи едни проблеми со кои се соочува, постојано се бори со најнапред поставеното јас (центар на свесното – его) како и со потсвеста, па на површина излегуваат судирите на огорченоста и неподнесувањето на човекот, самиот себе. Осаменост, издвоеност, немир. Судир на невротични подвоености на битието, па честопати ќе се одмине биполарноста, умножувањето на егото и граѓанскиот конформизам по пат на некоја пцовка или хумор, за кои е прашање дали се во состојба да ги остварат барањата на животните мудрости. Постои време во кое цела една генерација доспева меѓу две епохи, два начини на живеење целосно омалаксува така што се губи секаква природност, морал, сигурност и чедност. Природата како онаа поставена од страна на Ниче, би морала да го препати сиот јад на денешницата, за повеќе од една генерација нанапред – па она за што морал поединецот да пати во самотија и без разбирање од другите, сега мора да го претрпат инјадници, избезумени оставени веќе во поделеноста на нискоинтелектуалната класа, до веќе поставени целосни дијагнози.
Во најкритичните моменти од ваквите конфликти во општествената заедница на човекот, културата честопати одигрувала значајна улога во осознавањето на повторно отфрлениот морал, иако честопати низ историјата истата со крвави канџи се гребала да дофати зрак светлина, постојано изгонувана и забранувана. Што правиме кога во секој дел од умствениот развиток на здравото, морално размислување навлезе дел од токсичната политичка анестезија и целосно го успие градот којшто веќе со години и години опстојува немо и оглувено?
- Ја укинуваме философијата или зборуваме против неа поставувајќи ја на дното од смислата. И со нискограѓански муабети се упропастува нејзиниот статус. Кога таа самата, заедно со социологијата, психологијата, сета наука и култура имаат за цел да создадат едно морално и способно критички да расудува и размислува ново, младо општество. Секако тоа е контра реалноста, во која се бараат мозоци кои се помалку способни за таквото расудување и кое за жал е цел на една неверојатна, душепогубна манипулација.
Град во кој гнасната закоравеност на патријахалното доспева до екстремно загрозувачка политика, на заменување на културата со системи на политиката, која јасно и гласно од нејзиното постоење е основана и создадена само заради меѓусебното умствено соочување на академците како и за соодветна и добра организација на општеството како заедница која треба да здружи во себе илјадници, поставени во соодветно оформени слоеви на човековата психа.
- Тогаш доаѓаме до состојба во која големата неписменост се заменува и ја негира потребата од писменост во наставниот кадар на едно друштво. Тука веќе преовладува кадар кој подучува на некултура и на неписменост со што се загрозува и целиот опстанок во дивеењето. Еве нѐ еден по еден излегува идиотот како човек со целосно непознавање на вредностите за срам и почит.
- Второ ќе го земам за цел на разјаснување на полемиката да биде театарот. Што ќе каже еден град со отсуство на театарот, а што ќе каже една нација која од своите културни работници прави само можни, идни питачи на улица? Големо прашање.
Веќе неколку години е познато дека немиот град опстојува без театар, а културните работници се изложени на постојан конфликт со себеси како да се постават спрема системот. Тетарот како место на вистината, како место на осознавањето до каде сме стигнати како заедница. А што да речеме кога театарот го уште и нема? Еве веќе неколку години полемизираме, и се сведува сѐ на полемика за која никој не се ни осудува да го даде одговорот, затоа што одговорот лежи во џебот. Вели вака : кој се смета себеси за чист нека го земе каменот и нека го фрли прв. Но културата и теататор како грешници се фрлени и им се чека, ново денес и утре пак ново каменување. Прашање едно : кога ќе дојде театарот во градов?
// Соберете се сите институционални предводници, дa седнеме на маса, испразнете ги своите џебови и соголете се себеси пред нас онака вистинити; истото ќе го направиме и ние па ќе согледаме каде се забил крлежот. //
Ако не успееме тоа да го постигнеме, најмалку што треба да зборуваме е за здравиот разум, чистиот морал и постоењето на слободата. Значи се сведуваме на првичната констатација дека слободата е само приказ. Вакво одигрување на играта со судбината на една нација, може да нѐ доведе до едно екстремно ризична состојба на веќе целосно ништење и немање на можност за сопствено држење и себе-управување. Зборот искажан од твоја страна ќе го покаже нечистото во тебе и слабоста од која страдаш. Секој несоодветен чекор ќе ја разоткрие твојата гнаса. Сепак колку и да провејува ветрот низ празниот нем град, нешто ќе гние и полека, полека ќе го умртви моралот кој се брише од потта на неписмениот човек.
Ако во наредниот период на така посочено одново темелење и закрепнување на системот, самите институции удавени во бирократијата не преземат нешто, веќе нема нешто да е труло во државата Данска, туку сѐ ќе е труло и скапано во неа. Со јазикот наш да е лингва франка, до целосно издигнување на сета култура и писменост. Во меѓувреме ќе останеме во стапките на целосна манипулација и целосно уверување на демократија и слобода, кои веќе се одамна заборавени зборови.
Дотогаш ќе се смируваме само со една добро позната молитва за спокој : Боже дај ми сила да го променам она што можам да го променам. Да го прифатам она што не можам да го променам. И дај ми мудрост да направам разлика помеѓу тие две.
Сепак да сум спремен на радикална промена и револуција, додека знам дека радикално е всушност не толку лошо, туку едноставно : менување од корен. Од корен на проблемот.
luce veritatis
Пишува: Андреј Анѓеловиќ
Изнесените ставови во колумните се ставови на самиот автор и може, но и не мора, да се совпаѓаат со уредничката политика и ставовите на нашиот медиум.