ОО на ГРОМ: Општина Куманово е главен организатор на „Шарената револуција“ (видео)

Сподели со своите пријатели

Општинската организација на ГРОМ од Куманово денеска на прес конференција ги обвини раководителите во Општина Куманово дека се главни организатори на „шарената револуција“, односно секојдневните протести низ улиците во градот.

Тие потенцираа дека станува збор за „увезена револуција“, а секое нарушување на јавниот ред и мир, како исквернавење на македонските споменици и историја остро го осудуваат.

Она што ни паѓа во очи е дека како организатори и главни учесници на тие „шарени протести“ е раководството на Општина Куманово. Значи ако протестите во Скопје ги организира некое граѓанско здружение, а СДСМ ги поддржува, овдека во Куманово нашата општина е главен организатор на оваа „шарена папазјанија“ – велат од ОО на ГРОМ Куманово.

 

Тие побараа градоначалникот да не ја вовлекува Општина Куманово во, како што велат политички играрии и да ја заштита општината како единица на локална самоуправа.

Посебен повик упатуваме кон Советот на Општина Куманово копј е највисокиот политички и претставнички орган на Нас, граѓаните да ги пресече и да ги спречи сите обиди нашата општина да биде злоупотребувана од страна на било кои поединечни или партиски интереси – беше истакнато на денешната прес конференција.

Одговор побаравме од страна на Максим Димитриевски, првиот човек на Советот на Општина Куманово, кој вели дека тие не се организатори на протестите, но како граѓани се директно против одлуката на претседателот за аболиција, па затоа даваат поддршка на протестите.

Незадоволството на граѓаните кое што кулуминира веќе 10 години во Република Македонија, во моментов резултира со протести на кои присуствуваат граѓаните на општината, а ние како Совет не влегуваме во ниеден тип на организација на овие протести, но како граѓани почнувајќи од мене самиот ги поддржуваме, бидејќи истите се резултат на беззаконието кое го демонстрираше претседателот на државата господинот Ѓорге Иванов.

 

Тој најави дека и во иднина ќе продолжи поддршката на ваквите протести кои во Куманово до сега не нарушија јавен ред и мир, ниту пак причинија било каква материјална штета на градот.