Во кружната сала на Комитетот денес се одржа панел дискусија на тема „Македонија во Европа: Реалност или фикција?“, со цел да се увиди до каде е патот кој што го чекори земјата кон ЕУ, но и како моменталната политичка ситуација влијае врз одалечувањето од овие процеси.

Модератор на панел дискусијата беше Горан Митевски, раководител на Сектор за за меѓународна соработка на Општина Куманово кој всушност се јавува и како организатор на панел дискусијата, а во пресрет на 9-ти мај, Денот на Европа, а во рамките на проектот Европа за граѓаните.

Честа за воведното обраќање припадна на градоначалникот на Општина Куманово, Зоран Дамјановски, кој што гои истакна своите визии и ставови за евроинтеграцијата на земјата.
Сметам дека Македонија во моментот се наоѓа во еден ќор сокак на европскиот пат од аспект што сме во една длабока политичка криза каде имаме суспензија на демократските процеси, слобода како основно човечко право, слобода на медиумите, една огромна коруптивна афера и се она што се вика правен порив на една држава. Од тој аспект нашите ментори, оние што не опсервираат и што ни даваат правец на европскиот пат сметам дека Македонија треба да направи голем исчекор во овие правци за да излеземе на правниот пат како интегративна членка во Европската унија – рече Дамјановски.
Панелисти на дискусијата беа: проф. др. Димитар Мирчев, почесен претседател на Европското движење во Македонија, др. Малинка Ристовска Јованова – директор на ЕПИ, Лидија Димова – пратеник и претседател на Националниот совет за евроинтеграции на Република Македонија, Бојан Мариќич – директор на МЦЕТ, како и проф. др. Милева Ѓуровска – претседател на Европското движење за Македонија.


