Јапонскиот јен е во опасност да падне на нивоата последен пат забележани во 1986 година, со вредност од 170 за долар, што е за околу 10 јени повисока од сегашниот курс, соопштија денеска јапонските финансиски институции.
Финансиската компанија Sumitomo Mitsui DS Asset Management и Mizuho Bank во моментов гледаат неколку можности за закрепнување на јенот, кој падна за речиси 12 отсто оваа година, сметајќи на јапонската влада потенцијално да купи назад одредена количина јени на пазарот, објави Блумберг.
Јенот денеска беше делумно посилен, утрото во Њујорк достигна 159,46 во однос на доларот и се тргуваше во опсег од 160,17, забележан на 29 април, токму кога јапонската влада е осомничена дека ја направи првата од двете неодамнешни интервенции, а втората, како се претпоставува, беше на 1 мај.
Мал одмор денес не ја менува пошироката слика, бидејќи има доволно простор за слабеење на јенот, рече валутниот стратег на Комонвелт банка на Австралија, Керол Конг.
„Постои потенцијал јенот за долар да достигне 170 релативно брзо, бидејќи краткорочните интервенции едноставно не функционираат“, рече Ник Твидил од финансиската компанија ATFX Global Markets, кој тргуваше со јапонската валута за четвртина век.
Највисокиот јапонски функционер за валута Масато Канда денеска изјави дека јапонските власти се подготвени да интервенираат 24 часа на ден доколку е потребно, но неговите зборови немаа големо влијание, пишува Блумберг.
Медиумите пишуваат дека суштината на проблемот е големиот јаз меѓу Јапонија и САД кога се во прашање каматните стапки, кои Федералните резерви допрва треба да ги спуштат од горната граница од 5,5 отсто, а истиот проблем се однесува и на Европа, бидејќи јенот се движи кон рекордно ниско ниво во однос на еврото.