Хонг Конг повторно е на листата на најскапи градови за живеење за странски работници во 2024 година, што е скок од седум места во однос на минатата година, покажуваат најновите истражувања на консалтинг фирмата Мерсер.
Тоа е годишен список на трошоците за живот на странските работници во 226 светски градови, врз основа на споредби на цени за повеќе од 200 артикли на секоја локација, вклучувајќи транспорт, храна, облека, предмети за домаќинството и забава.
Македонија се наоѓа на 198 место.
Анализата покажа дека половина од десетте најскапи градови се наоѓаат во Западна Европа, која вклучува дури четири швајцарски градови.
Сепак, на листата доминираат градовите од Југоисточна Азија: Хонг Конг и Сингапур останаа на првото и второто место, соодветно.
Следуваат швајцарските Цирих, Женева, Базел и Берн, па Њујорк, па Лондон (кој лани беше на 17. место), Насау и Лос Анџелес.
Двата најповолни града се Лагос (на 225-то место) и Абуџа (на 226-то место), двата лоцирани во Нигерија, Африка.
Фирмата Мерсер наведува дека трошоците за домување биле главниот фактор во анализата: цените за изнајмување станови значително се разликувале од град до град во споредба со претходната година.
На пример, турскиот град Истанбул забележа просечен пораст на цените од 301 отсто, Тел Авив забележа пад од 22 отсто, а Минск во Белорусија пад од 10 отсто.
Друг град во Турција, Анкара, забележа пораст на цените за изнајмување, за 141 отсто.
Во Дубаи цените на становите скокнаа за 21 отсто, просечните трошоци за изнајмување во Њу Делхи пораснаа за 13 отсто, а истиот просечен пораст е забележан и во Мајами, Флорида.
„Повеќето од десетте најскапи градови, исто така, забележаа зголемувања, иако беа поумерени, помеѓу 3 и 8 проценти за сите градови освен Насау, Бахамите, кои не пријавија промена во цените за изнајмување. Фактор што придонесува за трошоците за домување е релативниот недостаток на станови на бројот на луѓе кои бараат стан. Оваа неусогласеност меѓу понудата и побарувачката ги зголемува цените“, се вели во студијата.
Се додава дека таквите трошоци можат да бидат особено предизвикувачки во области со висок пораст на населението или ограничено земјиште достапно за развој.
Други фактори, како што се трошоците за изградба и цените на земјиштето, исто така може да влијаат на достапноста на становите.
Како резултат на тоа, за некои странски работници, трошоците за домување во земјата домаќин може да бидат значително повисоки отколку во нивната матична земја.
„Кога трошоците за домување се високи, вработените можеби ќе треба да потрошат значителен дел од својот приход за плаќање кирија или хипотека, оставајќи ги со помалку расположлив приход за други трошоци. Ова може да доведе до финансиски стрес и намален животен стандард, што може да има негативен ефект врз моралот и благосостојбата на вработените.
Зголемените трошоци за домување во многу градови низ светот го направија сè поголем предизвик за организациите да привлечат и задржат врвни таленти за меѓународни задачи“, се наведува меѓу другото во студијата, Јутарњи лист.