Двете најголеми руски банки планираат во јули оваа година да отворат филијали во регионите припоени од Русија во 2022 година, соопшти денеска раководството на овие банки.
Во септември 2022 година, Русија ги анектира регионите Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје, украинските власти оценија дека тоа се „лажни референдуми“, а многу земји го осудија потегот на Москва како незаконски, пренесува Ројтерс.
Руската државна „Промсвјазбанк“, која обезбедува услуги за вработените во државниот и одбранбениот сектор, веќе отвора филијали во овие четири региони, имајќи предвид дека Русија има за цел да им обезбеди на цивилното население и на припадниците на војската поволни заеми и достапни банкарски услуги.
„Во рок од месец и половина треба да ги отвориме нашите први 16 филијали“, потврди денеска генералниот директор на Сбербанк Герман Греф во Горниот дом на рускиот парламент, пренесува Танјуг.